Од Министерството за здравство попладнево информираат за извршени две трансплантации – на деформитет на стапало и на преден вкрстен лигамент на колено.
Под водство на проф. д-р Зоран Божиновски и со поддршка од стручен тим, успешно била извршена реконструкција на деформитет на стапало кај 13-годишен пациент.
Во медицинскиот тим учествувале д-р Теодора Божиновска, д-р Мики Ѓорески, анестезиолог д-р Марина Темелковска, д-р Ивана Колевска Удовалиева, инструментарка Шехиде Синани, помошник инструментарка Аријета Мемети, сестра анестетичар Менче Дојчиновска и болничар Сејнур Идриз.
– Исто така, медицински тим составен од доц. д-р Алан Андоновски, д-р Мики Ѓорески, д-р Шклзен Синани и анестезиолог д-р Јасминка Нанчева, успешно ја изведе реконструкцијата на предниот вкрстен лигамент на колено кај 35-годишен пациент, појаснуваат од Министерството.
Придружувани од медицински техничар Ерзен Муртезани, помошник инструментарка Сузана Пејчиновска, сестра анестетичар Јована Илиева и болничарка Снежана Тодоровска, како што додаваат, тимот демонстрирал врвен професионализам и посветеност.
Во писмената изјава на националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, се наведува дека трансплантациите се извршени благодарение на ткивната банка на ортопедија. Таа нагласува дека со секоја успешно изведена трансплантација, тие не само што спасуваат живот, туку им даваат шанса за подобар и поквалитетен живот на пациентите.
– Тие се инспирација за сите нас. Изразувам посебна почит кон донорот и благодарност до семејствата на донорите. Огромна благодарност и до сите здравствени работници вклучени во трансплантациските постапки. Во изминатите шест месеци се извршени осум ортопедски трансплантации кај деца и возрасни со што значително се унапредува квалитетот на живот кај пациентите, потенцира Кузмановска.