Од детектирањето на седум пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта на коронавирусот, се воочи дека тие не биле вакцинирани, затоа е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат, апелира Министерството за здравство.
Според министерството, вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот во земјава, а со тоа и евентуален нов силен бран на вирусот.
„Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта сојот има висока преносливост, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат“, се вели во соопштението.
Оттаму појаснуваат дека сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот или другите соеви на SarsCov2 е вакцинацијата. Притоа, додаваат дека сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни, признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат.
„Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна“, се наведува во соопштението.
Министерството за здравство апелира граѓаните да не се двоумат и што побрзо да се вакцинираат.