Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Универзитетска клиника за детски болести се однесува на работењето на клиниката за 2022 година и првиот квартал од 2023 година.
Условниот буџет кој Клиниката за детски болести го доби на 9.02.2022 година од ФЗОРСМ за третман на пациентите со цистична фиброза со лекот Трикафта изнесуваше 140.000.000,00 денари и беше наменет за третман на 8 пациенти. Во рамките на истиот буџет беа вклучени уште 4 пациенти, со нова согласност од Фондот од 06.03.2023 година.
Третманот на првата група од осум пациенти беше за 11 месеци, а за втората група од четворица пациенти за 10 месеци.
На 9.11.2023 година Клиниката побара и доби согласност од Фондот од 15.11.2023 година за дополнителен условен буџет во висина од 100 000 000,00 денари за 102 дозажни форми на лекот, со кои ќе може да се продолжи третманот кај дванаесeтте пациенти и да се почне третман кај 39 нови пациенти, во тек на два месеца.
Клиниката во преговори со ФЗОРСМ побара да се обезбедат средства за континуиран третман со Трикафта на сите вклучени пациенти во текот на 2024 година.
На 24 ноември 2023 година, Владата на Република Северна Македонија одобри 854 милиони денари (13 милиони 800 илјади евра) за набавка на лекот „Трикафта“ за пациентите со цистична фиброза за следните две години. Ова се дополнителни финансиски средства на веќе одобрените од Министерството за здравство.
Не постои субјективизам при изборот за лекување на пациенти со цистична фиброза. Листата на пациенти е направена од работна група во Министерството, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.
Досега 28 пациенти го примиле лекот, тие етапно се вклучуваат на терапија и сите пациенти ќе го примат лекот Трикафта.
Лекот Трикафта е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција и ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив.
Согласно препораките добиени од ДЗР, Клиниката презема мерки и активности за нивна реализација – информираат од МЗ.