Со оглед на зголемениот број посетители во туристичките места низ државата, Министерството за здравство преку соопштение апелира да се почитуваат донесените протоколи од Комисијата за заразни болести, кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во текот на пандемијата со Ковид-19, како од страна на посетителите, така и од страна на вработените.
Препораките, како што се посочува, опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетители за носење лична заштитна опрема на лицето, што го покрива делот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од еден и пол до два метра, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.
Согласно Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со Ковид-19, освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки: носење лична заштита на лицето, држење физичка дистанца од два метра, често миење на рацете со вода и сапун, или со средство за дезинфекција, се предвидува и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите и точното и видливо информирање на посетителите со информативно-едукативен материјал, во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, и гласовно информирање за придржување кон препораките, потенцираат од Министерството.
На плажите, како што се нагласува, е задолжително меѓу поставените чадори да се обезбеди минимално растојание од четири метри, а растојание од еден и пол до два метра меѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и по користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.
Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица, кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките. На плажите не се препорачува користење гардероби на плажа. Воедно, протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со Ковид-19 ги уредува и санитарно-хигиенски мерки, препораките за вработените, а за користење на угостителски услуги се препорачува почитување на протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија со Ковид-19.
Во однос на работата и функционирањето на базените, во протоколот за работа на базените во тек на пандемија со Ковид-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, утврдено е пред билетарите задолжително да се обележи растојание (место за чекање) од еден ипол до два метра.
Исто така, меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди тоа растојание или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички и да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети. Користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување ред од назначени лица од редарска служба. Се препорачува зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои два часа (по потреба и почесто). При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете, стои во соопштението од Министерството за здравство.