Во периодот од речиси еден месец, од 6 август до 2 септември, во земјава се евидентирани 22.416 нови случаи на позитивни на ковид-19, објави Министерството за здравство.
Според анализата, од нив 18 отсто биле целосно вакцинирани, (4 .191 лице), додека 18. 225 граѓани, односно 81 отсто не биле вакцинирани.
Истата ситуација се пресликува и кога станува збор за хоспитализациите. Според оваа анализа, процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 87 отсто, додека 13 отсто од моментално хоспитализираните пациенти се целосно вакцинирани.
И смртноста е поголема кај невакцинираните лица, покажува анализата. Во овој период, на територија на цела држава починале 480 лица со ковид-19, од кои 429 пациенти (или 89 отсто) не биле вакцинирани, а 51 лице од починатите (или 10 отсто) примиле вакцина.
Како и во претходната анализа, починатите имале повеќе хронични заболувања.
Во однос на типот на вакцините што заразените и починатите вакцинирани лица ги имале примено, Министерството за здравство соопштува дека се работи за сите што ги има на располагање кај нас, како и вакцините „Модерна“ и „Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека за вакцинирани се сметаат лицата што примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза, и воедно апелираат дека секоја вакцина што ја има во земјава е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход.