Во годишниот извештај за Индексот на активна транспарентност за 2024 година, министерството за внатрешни работи бележи голем напредок од 87.5% за 2023 година на 95.7% за 2024 година.
МВР е рангирано во најдобрата група со скок од седум места, во рангирањето на министерствата според активната транспарентност.
„Нашата цел како Влада и министерство е да ја унапредуваме полицијата во отворена, отчетна и транспарентна институција пред Вас граѓаните. А преку активната соработка со медиумите да може да се презентира и нашата намера за постојано градење на доверба помеѓу полицијата и граѓаните. Кога намерата е искрена и чесна, резултатите се позитивни, а граѓаните тоа го препознаваат“, истакна министерот Тошковски.
Под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.
Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони.
Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.