Министерството за внатрешни работи склучило договор со компанијата „Линк Медиа Плус“ во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас за набавка на дел од основна униформа, во износ од 1,8 милиони денари или скоро 30.000 евра.
Според договорот склучен меѓу двете страни, станува збор за набавка на 600 ремени-опасачи со додатоци, кои компанијата мора да ги достави во рок од 30 дена од потпишување на договорот.
Според Бирото за јавни набавки, проценетата вредност на договорот била околу 5 милиони денари, а на разговори биле повикани 5 компании, при што избраниот понудувач доставил најниска цена.
Поради пандемијата со Ковид 19, МВР немало потреба да обезбеди мислење од Бирото за оваа јавна набавка, бидејќи е спроведена како итна набавка.
Инаку, Скуп неодамна пишуваше дека „Линк Медиа Плус“, меѓу другото, добавува и маички и ремени-опасачи за помладите полицајци и слично, за што, според Скуп, за неполна година со МВР склучила договори од 200.000 евра.
Притоа, МВР своевремено со непосредна спогодба за речиси 80.000 евра набавило маици и ремени (опасачи) за помладите полицајци преку оваа фирма, но, како што беше објавено, таа ниту шие маици, ниту произведува ремени.
Поточно, маичките ги шиела компанијата „Супер хит,“ а ремените ги произвела фирмата „Југомлаз-1“, така што „Линк Медиа Плус“ ги набавувала од овие компании и ги испорачувала до МВР.
В.С.