Сузбиена е дванаесетчлена организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости. Единаесет лица се лишени од слобода, а по едно се трага, информира МВР. За седуммина од осомничените, од јавниот обвинител предложена е мерка притвор, за што треба да одлучи судијата на претходна постапка.
МВР информира дека вчера Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со секторите за внатрешни работи, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, била спроведена координирана полициска акција при што била сузбиена 12-члена организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела против културното наследство и природните реткости.
Групата подолг временски период делувала на подрачјата и околината на Прилеп, Струмица, Пробиштип, Неготино, Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Кочани.
-Вчера со судски наредби извршени се претреси на вкупно 27 локации кај 23 лица, при што пронајдени и привремено се одземени разни археолошки предмети, монети, метални предмети, фигури, метал детектори и опрема за метал детектори, скици, оружје, муниција, дрога, ваги и природни реткости, по што 11 лица се лишени од слобода, а по едно се трага, известуваат од МВР.
Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство по спроведените претреси и пронајдени предмети како и врз основа на претходно обезбедени материјални докази на 12.12.2022 против 12 лица: С.Џ.(47) од с.Канатларци, прилепско, З.А.(39) од с.Зубово, Ново Село, Т.А.(58) од Пробиштип, Н.М.(48) од Струмица, Д.Р.(36) од Василево, Р.З.(27) од с.Банско, М.А.(31) с.Мокрино, Ново Село, Д.П.(37) од Ново Село, М.Џ.(37) од с.Канатларци, Г.К.(44) од Ваташа, М.С.(42) од с.Банско и И.С.(47) од с.Коњух, кратовско, поднесе кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ по член 394 став 1, „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 264, „прикривање“ по член 261 став 3, „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 265, „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 266 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.
-Пријавените С.Џ. и З.А., во периодот од декември 2021 до декември 2022 година, со цел стекнување на противправна имотна корист создале злосторничко здружение во кое како членови за целиот временски период или повремено партиципирале останатите кривично пријавените лица. Целта на формирањето на оваа добро организирана и строго контролирана криминална група била стекнување на противправна имотна корист која произлегува од извршените кривични дела, присвојување и изнесување во странство на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, известуваат од МВР.