Во Скопје започнаа да се спроведуваат засилени контроли од страна на сообраќајната полиција. Еден од контролните пунктови во главниот град вечерва ги посети министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој рече дека фокусот е ставен на булеварите, бидејќи тие се „црните точки“ и места на најчести сообраќајни несреќи со човечки жртви.
Тошковски упати апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да ги почитуваат сообрачајните правила, да не возат со брзина над дозволената, да не минуваат на црвено ниту, пак, да забрзуваат на жолто светло на семафорот, да не возат под дејство на алкохол.
„Највредното нешто што го имаме во државата се луѓето, односно човечкиот живот. Најголем број сообраќајни прекршоци се со возење со брзина поголема од дозволената. Само во текот на вчерашната вечер санкционирани се 360 учесници во сообраќајот, од кои 29 возачи управувале без возачка дозвола, четворица под дејство на алкохол, а 79 возеле со брзина над дозволената. Ова е само во текот на вчерашниот ден, на територија на Скопје“, рече тој.
Според Тошковски, за намалување на жртвите во сообраќајот, ќе придонесе спроведувањето на проектот „Безбеден град“ кој ќе прерасне во „Безбедна држава“.
„Овој проект апсолутно ќе помогне во зачувување на човечките животи и во зголемување и имплементирање на сообраќајна култура која ни е потребна. Сигурен сум дека во иднина со макотрпна работа, реализација на планираните проекти и усогласување на законската регулатива ќе имаме значително помали бројки на жртви од сообраќајни незгоди“, додаде Тошковски.