МВР утре ќе распише оглас за прием на нови 400 полицајци и како што велат од министерството ова е трет ваков конкурс.
Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи. По завршување на основната обука кандидатите за полицаец ќе склучат и договори за вработување во организациските единици сместени во Скопје.
Исто како и при распишувањето на претходните два конкурси за прием на полициски службеници, кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови: да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.
Освен овие општи, кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови: телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи, односно 165 сантиметри за жени, како и висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување на полициските задачи.
Предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3.200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата.
По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази.
Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена.
При селекцијата ќе биде земена предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои ги исполнуваат општите и посебните услови како и психо-физичките и моторички способности, а Министерството особено ќе внимава и на соодветната родова застапеност на кандидатите кои ги исполниле условите на обата пола од кандидатите во секоја етничка заедница согласно позитивните законски прописи.
Заедно со 700–те кандидати кои беа примени во претходните две години, Министерството по завршување и на овој конкурс ќе добие вкупно 1.100 нови млади полициски службеници, што ќе претставува значително освежување на кадарот и многу поголема мобилност и ефикасност на униформата.