Откако „Фокус“ објави дека на веб страницата на Министерството за внатрешни работи и по 20 дена од полициската акција во Грчец, се уште нема објавно потерници по водачот на групата, Шеваљ Муареми и по останатите осум лица кои се во бегство, од МВР стигна одговор за којшто испративме прашања уште во понеделникот.
Во одговорот се вели дека на 30 јануари по добиени наредби од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за распишување на национални и меѓународни потерниците за лицата, од страна на МВР-Сектор за меѓународна полициска соработка-Одделение за потраги истиот ден се распишани национални и меѓународни потерници по лицата.
– Потрагата е активна, велат од МВР.
Оттаму објаснуваат дека тие вршат проценка дали за некое лице по кое е распишана потерница, ќе биде објавена на веб страницата на МВР.
-Доколку се повикувате на ВЕБ сајтот на МВР, од каде се информирате и носите заклучок дека за истите нема распишано меѓународна потерница, Ве известуваме дека МВР врши проценка кога ќе побара јавна помош за добивање на информација во врска со лицата за нивно лоцирање и тогаш ги објавува на увид на јавноста, а не претставува обврска дека секое лице кое е предмет на потерница треба да биде објавено на ВЕБ сајтот. ВЕБ сајтот не е институционален оперативен систем за потраги, ниту меѓународен интерпол систем за потраги по лица и предмети каде се распишуваат потерници по лицата, се вели во одговорот.
„Фокус“ претходно објави дека потерници за овие лица не се објавени и дека уште пред три дена испративме прашања до Министерството за внатрешни работи, на кои ни беше одговорено по објавувањето на текстот.
На страницата на МВР јавно беа објавени потерниците на оние кои избегаа во акцијата „Планина“ пред неколкку години во друга акција во Грчец. Вообичаена пракса е лицата за кои има потерница веднаш по распишувањето да се објават во делот „Потраги“.
Инаку, МВР поднесе кривична пријава против 16 лица, но по претресите уапсени беа шест лица и уште едно лице во Шпанија.
Другите деветмина од групата, меѓу кои и водачот Муареми, според МВР, подолг период престојувале во странство. На петмина им беше одреден притвор, а уапсениот во Шпанија е таму во екстрадиционен притвор.
Според МВР, оваа криминална група плановите и договорите, за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење на енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“, а која ја користеле членовите на организираната криминална група.
Оваа група организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европска унија и Македонија, а има докази за вклученост во убиства и обиди за убиства.
Зошто нема објавено потерници по Шеваљ Муареми и другите од групата Грчец кои се во бегство?
Ф.Ф.С.