Фотографирање на гласачко ливче, летоци оставени врз автомобили, испишани графити и пронајдена испукана димна бомба, се инциденти за кои информираше Министерствот за внатрешни работи, а кои се регистрирани утрово од отворањето на гласачките места.
Сепак, како што информираше помошник на министерот за односи со јавноста, Тони Ангеловски досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно тоа се одвива мирно и без проблеми.
„Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче и тоа едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, радовишко, имаме едно лице кое го покажало гласачкото ливче на набљудувач“, рече Англеловски на прес-конференцијата.
За сите овие настани, додаде тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Ангеловски информираше и оти покрај овие случаи, на територијата на Општина Чаир се забележани летоци кои се оставени врз паркирани автомобили, а исто така биле регистрирани и два испишани графити.
„Од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6:30 часот во ходникот е пронајдена испукана димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“,додаде тој.
Ангеловски упати апел до граѓаните и до учесниците на изборите во текот на гласањето, до завршување на изборниот процес, да се воздражт од било какви инциденти, а доколку се забележи нарушување на изборниот процес тоа да се пријави во најблиската полициска станица.