МВР: Приведените министри и заменикот од 2006 до 2016 година го оштетиле буџетот за над милион евра

by fokus

По добиена Наредба за собирање известувања од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Бирото за јавна безбедност-Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во изминатиoт период интензивно работеше на прибирање на сознанија и обезбедување докази за злоупотреби извршени од страна на поранешни високи државни функционери во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На 30.01.2019 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против М.Ц. (64), Љ.Д. (59), А.С. (49) и Х.Д. (44), поради постоење основано сомнение дека во својство на министри и во својство на заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во периодот од 2006 до 2016 година, секој од нив поединечно во текот на својот мандат го сториле кривичното дело – “злоупотреба на службената положба и овластување” предвидено и казниво по чл. 353 став 5 од КЗ на РМ, притоа оштетувјќи го буџетот на РМ во вкупен износ од 88.467.607 денари или 1.483.497 евра. На 01.02.2019 лицата се лишени од слобода.

Според документираните сознанија од повеќемесечната истрага на ОСОСК при МВР, а во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пријавените иако, во својство на високи државни функционери, имале обврска согласно законите да организираат и да обезбедат законито и ефикасно вршење на работите и задачите во Министерството, со цел да обезбедат заштита на интересите на Р.Македонија, таквите дејствија не ги сториле.

Првопријавениот М.Ц., во периодот од јуни 2014 до мај 2017 година, кога бил на функцијатата министер во МЗШВ, со неизвршување на својата службена должност, по однос на спорните Договори за закуп не вршел контрола за неплатена закупнина, не ги раскинал Договорите за закуп за кои не била платена закупнината и не поднел тужба за наплата на долгот по Договорите по кои обврските не биле подмирени од страна на закупците. Притоа, за сметка на трети лица (закупци), го оштетил Буџетот на Република Македонија во износ од 35.202.553  денари или 572.399  евра.

Пријавениот Љ.Д., кој во периодот од јули 2009 до јуни 2014 година, бил министер во МЗШВ, на истиот незаконит начин на работење на штета на Буџетот на Р.М овозможил на трети лица (закупци) да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 19.846.530 денари или 322.708 евра.

Третопријавениот А.С., во периодот од август 2006 до јули 2009 година, кога бил на функцијата министер во МЗШВ, со неизвршување на својата службена должностза сметка на трети лица нанел штета на Буџетот на Р.М во износ од 2.010.112 денари или 32.685 евра.

Четвртопријавениот, пак, Х.Д. во својство на заменик министер во МЗШВ, ја злоупотребил службената положба и овластување со склучување на анекси на Договори за закуп, кои МЗШВ ги има склучено со две правни лица. Воедно, со склучените Анекси на Договорите е уредено, во првиот случај – правното лице да почне со отплаќање на обврските за закуп дури четири години по склучувањето на договорот. А во вториот случај правното лице да почне со отплаќање на обврските за закуп три и пол години по склучувањето на договорот, со што правните субјекти незаконски ги ослободил од обврската да плаќаат закупнина за период во кој биле должни да платат. На овој начин, Х.Д. ја злоупотребил службената положба и овластувања и за сметка на стекнување на противправна имотна корист на трети лица, на Буџетот на Р.Македонија, му нанел штета во вкупен износ од 31.408.412 денари или 510.706 евра.

Поврзани новости