МВР пријави шестмина за нередите во Тетово, за Струга и Куманово нема одговорни

by Фокус

Само шестмина се одговорни за нарушување на јавниот ред и мир во Тетово откако граѓани масовно излегоа во центарот на градот да го слават подвигот на фудбалската репрезентација на Албанија и потегот на навивачите кои активираа летало и спуштија знаме со картата на Голема Албанија.

МВР потврди дека се прегледани сите снимки од телевизиските камери, како и од безбедносни камери поставени низ градот. За разлика од Тетово, снимките во Куманово и Струга, иако на моменти доловувале тензии, сепак во ниту еден момент не снимиле нарушување на јавниот ред и мир.

Скандирањето националистички пораки со величење на големоалбанската идеја, извиците против македонската држава, веењето знамиња на туѓа држава и блокирањето сообраќајници остануваат нерегистрирани како обиди за ширење национална омраза и нарушување на јавниот ред и мир.

Од шестемина во Тетово, петмина се казнети според член 8 од Законот за прекршоци за нарушување на јавниот ред со возило. Казната изнесува од 200 до 500 евра. Само еден е казнет по членот 4 за кого е предвидена казна од 100 до 400 евра затоа што предизвикал карање, викање и дрско однесување.

По прекинот на натпреварот Србија – Албанија, стотици Албанци излегоа на улиците низ неколку македонски градови. За среќа, неколку часовните скандирања, иако со изливи на национализам, завршија без сериозни инциденти. На крајот, додека полицијата ги идентификува и останатите, првите шестима ќе останат запишани во полициската архива како најгласни поддржувачи на албанските навивачи.

Поврзани новости