МВР презентираше електронски записник од увид во сообраќајки

by fokus

Во Министерството за внатрешни работи денеска беше презентиран „Електронскиот записник од увид во сообраќајна несреќа“, со кој ќе се скратат роковите за добивање на записник од увид во сообраќајна несреќа.

– Овој проект претставува уште една потврда за нашите континуирани напори не само да ги надградиме севкупните професионални и технички капацитети на полицијата туку, уште повеќе, значајно да се придвижиме во насока на остварување на нашата трајна заложба за трансформирање на полицијата во реален сервис на сите граѓани, отворен и подготвен за сите нивни барања и потреби. Конкретно со овој проект, во контекст на реформите кои ги реализираме во континуитет овие две и пол години, ги скратуваме роковите во интерес на граѓаните за добивање на записник од увид во сообраќајна несреќа, за кој во годините наназад се случуваше да се чека и со месеци, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Појасни дека имплементацијата на проектот за електронски записник од увид во сообраќајна несреќа беше интензивирана во текот на 2018 и 2019 година, а станува збор за еден модерен концепт во делот од полициското работење, преку современо софтверско решение т.н. СНЕЗ, со кое се овозможува воспоставување на една централна електронска евиденција на записниците за извршен увид на место на сообраќајна несреќа.

Со тоа, меѓу другото, се овозможува автоматизирање и интеграција на евиденциите на различните системи во рамки на МВР, односно дигитализирање на преку 250 различни видови на податоци од увид на сообраќајна незгода.

– Придобивките од имплементирањето на оваа, така да кажам, современа методологија на работење ќе бидат изразени како во делот на кратењето на времето за изработка на Записникот за извршен увид на место на сообраќајна незгода, што пред сѐ е во интерес на граѓаните, така и во делот на електронската евиденција, преку обезбедување точни и навремени статистички и аналитички прегледи, битни за превентивното делување, но и за нормативните анализи на законските одредби и состојбите во оваа сфера, додаде Спасовски.

Истакна дека со започнување на употребата на софтверот СНЕЗ не само што се создава нов и значаен инпут во полициското работење и постапување, туку е истовремено и показател дека МВР креира и воспоставува нови и квалитетни стандарди во своето работење.

Електронскиот записник ќе стартува од следнава година.

Поврзани новости