Македонското министерство за внатрешни работи потврди дека вчера (17 јули) бил уапсен косовски државјанин, по претходно барање на Интерпол Србија.
„На 17.07.2024 во 16:00 часот на Граничниот премин Јажинце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Р.(47) од Косово затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека e евидентиран со мерка „апси“ по барање на Интерпол Србија. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Тетово за понатамошна постапка“ велат од МВР.
Веста прво ја објави Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.
„Станува збор за г-дин Блерим Рамадани, поранешен припадник на Оперативната зона Неродиме на Ослободителната војска на Косово“, соопшти Министерството синоќа.
Оттаму информираа дека со овој случај се занимава и амбасадорот на Косово во Северна Македонија и дека властите работат на брзо ослободување на Блерим Рамадани.
Од македонското Министерство за правда велат дека до овој момент до нив нема пристигнато барање за екстрадиција на уапсениот од страна на косовските институции.