МВР: Пасоши има, гужвите се затоа што службите не работеа два дена

by Fokus

Пасоши има во доволен број и се одговара на барањата на граѓаните. Целосна невистина е дека нема пасоши, лага која во последниве денови ја шират одредени опозициски политичари и дел од порталите, велат од МВР за „Фокус“.

-Денеска во одреден период имаше поголем број на граѓани поради тоа што за фотографирање за пасош покрај редовно закажаните термини дојдоа и граѓаните кои имаа закажано термин за сликање во минатиот четврток и петок, денови кога службите не работеа поради надградбата на системот. Од денеска системот функционира стандардно и сите граѓани кои имаат закажано термин ќе ја добијат соодветната услуга, посочуваат од МВР.

Граѓаните од ова утро чекаа во редици пред просториите на Министерството за внатрешни работи за да извадат лични документи, а опозицијата обвини дека ова е нов „кластер“ на зараза.

Во четвртокот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, најави дека се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од денеска започнува издавањето на лични документи со новото уставно име.

Како решение МВР  соопштија дека истечените патни исправи добиваат дополнителна важност до крајот на годината.

С.Т.

 

Поврзани новости