Откако денеска полициски службеници дојдоа во домот на новинарката на „Фокус“, Вики Клинчарова и и доставија предупредување поради поплака од страна на жената возач која на осми август удри 11-годишно дете со автомобил во Неготино, „Фокус“ побара одговор од МВР на која основа полицијата издава предупредувања до новинари за објавени новинарски текстови.
Од МВР кусо ни одговорија новинарката да го пријави случајот во Одделот за внатрешна контрола.
-Одделот за внатрешна контрола ќе го испита случајот и ќе бидат преземени соодветни мерки, велат од МВР.
Според Предупредувањето кое полициските службеници и го доставија на Клинчарова за потпис, а кое таа не го потпиша, жената возач, која инаку не е именувана во текстот, не се објавени нејзини иницијали ниту пак со какво возило се случила несреќата, бара новинарката да биде предупредена дека објавила невистинита содржина за случената сообраќајка.
Со постапката на МВР, да се предупредуваат новинари поради објавен текст, се води кон цензура и самоцензура кај новинарите. Се ограничуваат слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и се загрозува слободата на медиумите.
Новинарката Клинчарова покрива теми од дневни настани во ,,Фокус”, а случајот со предупредувањето го цени како обид за заплашување на новинари, посебно ако се земе предвид податокот што сопругот на пријавителката е полицаец.
К.С.Б.