Министерството за внатрешни работи попладнево реагираше на ангажирањето на еден од водачите на Шарената револуција, Павле Богоевски, од страна на ОБСЕ како едукатор на работилница за припадници на СВР Тетово. Од МВР велат дека жалат за скандалот што се случи, но револтот на полициските службеници кои го искажале со напуштање на просторијата бил разбирлив со оглед на фактот што во улога на предавач односно инструктор се јавува „лице кое секојдневно ја напаѓа и навредува полицијата“.
-Министерството за внатрешни работи јавно апелира до Мисијата на ОБСЕ во Скопје во иднина да прави проверки кого ангажира, бидејќи е неприфатливо лица кои нанесуваат штети од стотици илјади евра, кои рушат споменици, ја напаѓаат и навредуваат полицијата во исто време да бидат и нејзини едукатори, се вели во реакцијата.
Од МВР додаваат дека досега со Мисијата на ОБСЕ во Скопје имале долгогодишна и бездруго, повеќе од успешна соработка со голем број на реализирани проекти, работилници и обуки, за кои се надеваат дека ќе продолжат и во иднина.