МВР не знае кој е загрозениот сведок кој пред десет години сведочеше против Љубе Бошкоски, во случајот „Кампања“, кога на лидерот на Обединети за Македонија му се судеше за нелегално финансирање на изборите во 2011 година.
Оваа информација денеска беше соопштена во судница, на повтореното судење за „Кампања“, кое го побара самиот Бошкоски. Поточно, тој откако одлежа пет години затвор, побара повторување врз основа на пресудата од Судот за човекови права во Стразбур, со кој беше утврдено дека имало „недостиг на правичност“ низ целиот судски процес, а според која и е оспорен статусот на овој сведок.
Но наместо загрозениот сведок уште еднаш да се соочи со Бошкоски, судот добил информација дека од МВР не го познаваат. Поточно, МВР го информирало судот дека Одделението за заштита на сведоци при МВР не може да го утврди идентитетот на загрозениот сведок како истиот би бил испитан на рочиште.
Ваквиот одговор е за изненадување, бидејќи на првичното судење, овој сведок, со сите безбедносни протоколи, бидејќи имал статус на загрозен, морал да биде спроведен од МВР до судот за да сведочи.
Дека со свои очи не го виделе никогаш посочиле и од обвинителството, бидејќи во тоа време, случајот се водеше според стариот ЗКП, односно идентитетот на сведокот наместо обвинителот му го утврдуваше истражниот судија, кој за жал е починат. Единствено кој може да го посочи овој сведок е судијката Радица Василевска, која тогаш беше судечки судија, а набрзо по пресудата беше унапредена за судија во Апелација. Тогаш, таа, пред сведочењето на загрозениот, кој требало да биде во посебна просторија во судот, на присутните во судницата им соопштила дека го утврдила неговиот идентитет.
Ваквата ситуација уште еднаш ги подгреа сомнежите дека овој сведок беше наменски обезбеден за да Бошкоски се прогласи за виновен. Колку за потсетување, неговиот идентитет не беше никогаш јавно објавен, бидејќи е со статус загрозен, но се знаеше дека е странец. Тогаш одбраната тврдеше дека тој не се наоѓа зад замаглениот монитор во судница, и дека воопшто на денот на сведочењето не стапнал во судот, ниту во Македонија, што според нив можело да се утврди со листата на патници кои влегле во Македонија.
Адвокатот Константин Кратовалиев за „Фокус“ појаснува дека сега побарале од предметот да се извадат сите списи поврзани со загрозениот сведок, односно записниците од сведочењето, видеото, водејќи се од насоките на пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, бидејќи неговиот статус бил погрешно одреден.
-Прво, на овој сведок погрешно му беше утврден статусот, односно погрешно беше прогласен за „загрозен“, бидејќи неговиот идентитет му беше познат на Љубе, бидејќи нели според обвинителството тој му ги „дал“ парите за изборната кампања. Исто така на едно од судењата, на прашањето, дали се плаши од Бошкоски, тој одговори дека не се плаши, бидејќи Љубе е негов брат, појаснува Кратовалиев, кој додава дека загрозениот сведок треба да е непознат за обвинетиот и да постои опасност по неговиот живот.
Од Кривичниот суд на денешното судење посочиле дека уште еднаш ќе побараат одговор од МВР, за тоа дали може да се обезбеди сведокот.
За случајот „Кампања“ Бошкоски беше осуден на седум години затвор, а потoа Апелација му ја намали казната на пет години затвор, кои ги одлежа во затворот „Идризово“.
Валентина Вурмо