МВР не отстапува: Рашковски нѐ извести дека ќе го тестира софтверот откако го набави

by fokus

Министерството за внатрешни работи не отстапува од тврдењето дека софтверот којшто го набави генералниот секретаријат за сообраќајни казни и прекршоци за којшто сега му се суди на поранешниот генерален секретар во владата, Драги Рашковски, не им треба.

Во интервју за Фокус, Рашковски изјави дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски знаел за набавувањето, зборувале за софтверот, а му имал презентирано и видеоматеријал. Сепак од МВР за Фокус тврдат дека единствено добиле известување дека ќе се врши тестирање на софтверот.

– Како што веќе и претходно ја имаме известено јавноста, софтверот за кој прашувате е набавен без знаење на МВР односно МВР не е консултирано ниту известено за изработка на софтверот за кој прашувате, ниту пак тој соодветствува со потребите на МВР. Откако е набавен софтверот, потенцираме, откако е набавен, до МВР е испратено само известување на 21.09.2020 во кое не известуваат дека во периодот од 24.09.2020 до 01.10.2020 ќе вршат тестирање на систем за мерење на просечна брзина со која се движат автомобилите во сообраќајот и тоа следните сообраќајници: бул „Партизански одреди“ и автопат Скопје-Штип, тврдат од МВР.

Рашковски пак во интервјуто тври дека Спасовски знаел за софтверот.

-Со министерот Оливер Спасовски сме зборувале на оваа тема, го имам известувано за податоците до кои сме дошле во периодот на тестирањата, а сум му презентирал и видеоматеријал од тестирањата. Исто така, МВР е известено за спроведените тестирања, за што постои и официјален допис, изјави Рашковски за интервјуто.

Сега Спасовски ќе набавува нов софтвер со којшто треба да се исклучи човечкиот фактор при казнувањата во сообраќајот. Тој очекува наскоро да биде завршена финансиската конструкција за новиот систем „Безбеден град“ (Safe city) бидејќи постоечкиот не може да контролира сообраќај, а идејата е да се направи систем којшто покрај за јавната безбедноста, ќе се користи и за контрола на сообраќајот.

Спасовски објасни дека тоа не мора да значи надградба на постоечкиот систем, туку може да се одлучи за друго решение – јавно-приватно партнерство, вложување во друга компанија или слично. Според него, треба да се одбере опцијата која што е најповолна за МВР и за државата.

Рашковски пак тврди дека со неговиот софтвер бројот на жртвите на патиштата би се свел на минимум и дека бил набавен за 70 илјади евра, за разлика од другите системи за оваа намена коишто се многу скапи.

-Софтверот што е набавен од Генералниот секретаријат е компатибилен со кој било уред, дури може да го поврзете и со мобилен телефон, доколку има добра камера. На овој софтвер речиси и да не му треба ништо од „Сејф сити“, освен записите од камерите, записи кои може да одат и на две места со цел да се процесираат, изјави Рашковски во интервјуто за неделникот Фокус.

Ф.Ф.С.

Рашковски за Фокус: Со Спасовски сме зборувале за софтверот и му презентирав видео

Поврзани новости