Дел од поранешните функционери и по завршување на мандатот, продолжуваат да користат дел од привилегиите кои им следувале додека седеле и на фотелјите. Па така, освен поранешните претседатели и премиери, обезбедување можат да добијат и поранешни министри, за кои е оценето дека постои висок ризик по нивната безбедност.
Од МВР сепак не откриваат колкумина и кои поранешни функционери во моментот ги користат овие привилегии, односно имаат обезбедување.
-Видот на безбедносните мерки и активностите кои се применуваат кон личностите под заштита од различен степен на обезбедување, е уредено со класифициран пропис, поради што не сме во можност прецизно да наведеме за кои личности и какви мерки за обезбедување се применуваат, ни одговорија од МВР.
Оттаму сепак ја појаснуваат процедурата, односно објаснуваат на кои поранешни функционери им следува обезбедување по нивно заминување од функцијата.
-Врз основа на Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување МВР ги обезбедува претседателот на РСМ по престанување на функцијата и членовите на неговото потесно семејство согласно Закон и претседателот на Владата на РСМ на кого му престанала функцијата согласно закон.
Од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат мерки за обезбедување по престанокот на функцијата на претседателот на Собранието, членови на Владата на Република Македонија, како и на други личности на кои им престанала функцијата во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет поради преземени определени дејствија во вршењето на нивната функција за времетраење на опасноста, додаваат од МВР.
За привилегиите кои ги користеше поранешниот премиер Никола Груевски, како и за оние кои сега му следуваат на Зоран Заев, прочитајте во последниот број на неделникот „Фокус“.
В.В.
НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК