МВР: Навивачот на „Вардар“ сам ја активирал шок-бомбата

by Фокус

МВР излезе со официјално соопштение по повод немирите што вчера се случија на на Градскиот стадион под „Тумбе кафе“ во Битола, за време на одигрувањето на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на ФК „Пелистер“ од Битола и ФК „Вардар“ од Скопје. Во немирите на еден навивач на „Вардар“, поради експлозија, му беше разнесена дланката и тој веднаш беше префрлен на скопската клиника, каде што лекарите се обидуваат да му ја спасат раката.

Според МВР, експлозивната направа била активирана од страна на еден од навивачите, а не од полицијата. За ова МВР приложи и фотографии.

 „За да не дојде до судир меѓу двете навивачки групи, на гостинските навивачи им било укажано први да го напуштат стадионот. Откако одбиле доброволно да ја напуштат трибината, 10-ина минути пред завршувањето на натпреварот била издадена усна наредба за потиснување на навивачката група „Комити“ кон излезот на стадионот. Со потиснување на масата било пристапено од полициските службеници со штитови. Во еден момент се слушнала детонација на експлозивна направа која била активирана од страна на еден од навивачите по што настанал метеж. Биле повредени повеќе лица, кои од страна на навивачите биле извлечени за укажување на прва помош. Од навивачката група „Комити“ со повреди се стекнале 8 лица, од кои едно лице со тешки телесни повреди и 7 лица со лесни телесни повреди“, велат од МВР.

Неколку повредени лица биле примени во Клинички центар во Битола, каде им била укажана медицинска помош, а повредени биле четворица полициски службениции.

„Извршен е разговор со докторите и со тешко повредениот. Според првичниот исказ на медицинските лица, таков вид на повреда не можела да се случи доколку повредениот не ја држел, односно не ја активирал шок бомбата во рака“, велат од МВР.

Против четири лица ќе бидат поднесени кривични пријави за напад на службено лице при вршење работи на безбедноста и една кривична пријава за предизвикување општа опасност.

На следниот линк со вознемирувачка содржина може да се види снимка од она што се случуваше вчера на битолскиот стадион. Дел од очевидците за медиумите тврдат дека полицијата употребила прекумерна сила.

Поврзани новости