Против началникот на СВР Штип, Љупчо Трајковски, е поведена дисциплинска постапка како осомничен во истрагата на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, велат од Министерството за внатрешни работи откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека против овој началник е покрената кривична пријава за криумчарење на мигранти.
„Љ.Т не извршува работни задачи поради користење боледување, а во моментот вршител на должност- раководител на СВР Штип е помошник началникот кој работните задачи ги извршува согласно законот. Веднаш штом ќе биде затворено боледувањето, односно Љ.Т ќе се појави во просториите на СВР Штип, решението за времено отстранување од работа односно суспензија, како што налагаат законските прописи, ќе му биде врачено“, велат од МВР.
Од МВР додаваат дека по добиено писмено одобрение од надлежното Обвинителството, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и наложи Трајковски да биде суспендиран до завршување на дисциплинската постапка.