Министерството за внатрешни работи ги информираше граѓаните дека зголемениот временски период на чекање на ГП „Табановце“, за влез и излез од територијата на Република Северна Македонија е поради прогласеното црвено ниво на безбедносен ризик од тероризам во Република Србија.
– Воедно, Ве известуваме дека граничните полиции на двете држави се во постојана комуникација со цел овозможување брз и непречен проток на патници и возила, но и соодветна контрола поради новонастаната состојба – соопштија од полицијата.
Ова доаѓа откако пред два дена во Белград, со самострел нападнат беше припадник на Жандармеријата кој ја обезбедувал израелската амбасада. Тој бил погоден со стрела во вратот, но успеал во самоодбрана да употреби огнено оружје и да го убие напаѓачот.
Српските власти соопштија дека нападот пред Израелската амбасада, во која во тоа време немало никој, е терористички акт.