МВР ќе продолжи со интензивни контроли во сообраќајот

by Fokus

МВР ќе продолжи со интензивни контроли во делот на сообраќајот, за да се создаде што е можно побезбедна сообраќајна средина, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при денешната посета на СВР Куманово.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе продолжат контролите на автобусите и на јавниот превоз и дека утрово во Куманово се случил помал пожар на автобус, Спасовски потенцираше дека има оперативна акција по која работи МВР во делот на исправноста на превозните средства во јавниот превоз.

– Имаме отворено оперативна акција по која работиме во континуитет во делот на исправноста на превозните средства, посебно оние кои се во делот на јавниот превоз и тие активности нема да запрат. Сообраќајните контроли се пред сè да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Тоа е многу важно се со цел, да дојдеме до намалување на сообраќајни незгоди, до жртви во сообраќајот и до потешки последици, дали се тоа материјални или потешки телесни повреди. За тоа е потребно секој од нас одговорно да се однесува во делот на сообраќајот, дали се тоа возачи, пешаци, бидејќи и едните и другите се учесници во сообраќајот, изјави Спасовски.

Тој апелираше до граѓаните, особено сега, во претпразничниот период, сите учесници во сообраќајот да се однесуваат одговорно и совесно, да ги почитуваат правилата, прописите, да не се да не се вози под дејство на алкохол, да се води сметка за исправноста на возилата, пешаците да ги почитуваат правилата и прописите со цел, заеднички да се направи побезбедна средина во делот на сообраќајот.

– Сите контроли во однос на безбедноста на сообраќајот ќе продолжат интензивно, потенцира Спасовски.

Од СВР Куманово и ТППЕ Куманово потврдија дека утрово е пријавено дека е опожарен автобус на влезот на Куманово на улицата „11 Октомври”. Од кумановската противпожарна единица информираа дека пожарот е пријавен во 08 часот, на терен била испратена едно противпожарно возило и петмина пожарникари кои го изгасиле пожарот за 20 минути.

Поврзани новости