Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со барањето на Министерството за финансии сите надлежни институции во најкраток можен рок да го пополнат Извештајот со статус на реализација на економски мерки за справување со кризата од ковид 19 од сите пакет мерки за 2020 година и да го испратат до Министерството за финансии најдоцна до 22.03.2021 година.
„Врз основа на овој извештај, Министерството за финансии ќе достави информација до ЕУ со цел повлекување на втората транша од 80 милиони евра од Макрофинансиска помош на Северна Македонија од Европската унија за буџетска поддршка за мерките за справување со социо-економските последици од кризата“, информираа од Владата.
Со заклучок на Владата на сеницата, Министерството за внатрешни работи е задолжено да изготви план за обезбедување на дополнителните гласачки места за граѓани со бугарско државјанство заради спроведување на изборниот процес за парламентарните избори во Република Бугарија на 4 април надвор од дипломатско конзуларните претставништва на оваа земја во Република Северна Македонија.
На оваа седница Владата донесе одлука за привремено запирање на експлоатацијата на чакал на реката Пчиња во атарот на село Средно Коњари додека трае увидот на Државниот инспекторат за животна средина заради укажувањата на населението дека ископот на чакал се врши надвор од пропишаното со концесијата и додека не биде донесена нова одлука согласно наодите на надлежниот инспекторат.