МВР испитува дали возачот на владиното возило поминал на црвено и дали бил пијан

by fokus

Направен е увид, алкотестирање, обезбеден е видео запис од безбедносните камери, обезбедени се изјави од сведоци, велат од Министерството за внатрешни работи за сообраќајката што се случи синоќа пред влада кога се судрија три возила, а во едното беа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Од МВР велат дека во координација со јавното обвинителство интензивно работи на расчистување на случајот и утврдување на причините за вчерашната сообраќајна несреќа во близина на Владата на РСМ.

Во вчерашната несреќа полесно беа повредени две лица, а судрија три возила, владина „шкода“, „киа„ и „фиат“.

-На 07.02.2022 во 19.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од бул.„Илинден“ и бул.„Св.Климент Охридски“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „шкода“, управувано од Ј.Б.(38) од Скопје, патничко возило „фиат“, управувано од Д.П.(45) од Скопје и патничко возило „киа“, управувано од А.Т.(36) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода“, Б.Љ.(35), констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, информираа од МВР.

Порталот СДК.МК јави дека возачот на владината „шкода“ поминал на црвено, додека двете возила тргнале и поминувале на зелено светло од „Илинденска“ накај Цетар. Фокус се обрати до Бесими за да каже што точно се случило вчера, но тој не одговори на пораките.

Синоќа на Фејсбук профил само ја потврди сообраќајката.

Поврзани новости