Министерството за внатрешни работи соопшти дека во координација со јавното обвинителство го расчисти случајот со пронајденото тело во метално буре пред два дена во вештачкото езеро „Турија“. Како што утврдила полицијата, станува збор за неодамна исчезнатиот Ристо Иљашев, чија смрт, според МВР, настанала по насилен пат.
„По превземените опсежни активности и истражни мерки и врз основа на прибраните материјални докази, СВР Струмица на 16.05.2019 година до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против М.В. (52) од Добрејци, Струмица, за извршено кривично дело „Убиство“ од чл.123 ст.2 т.1 од Кривичниот законик бидејќи постои основано сомнение дека осомничениот на 07.05.2019 година на свиреп и подмолен начин го лишил од живот Ристо Илјашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството. Истиот ден Судија за претходна постапка во ОС Струмица на осомничениото лице му изрече мерка притвор во траење од 30 дена. По наредба на јавен обвинител беа превземени повеќе дејствија, извршени се претреси на повеќе локации, организирана е опсежна потрага по лицето особено во реонот на браната Турија, каде е забележано возилото на осомничениот. Обезбедени се и други материјални докази. Дополнително во работилницата сопственост на осомничениот во село Добрејци пронајдени се биолошки траги кои потекнуват од жртвата“, соопштија од МВР.
Од таму додаваат дека осомничениот кривичното дело го извршил на начин што го искористил долгогодишното познатство со Иљашев и на подмолен начин го лишил од живот, при што трагите од извршениот грозоморен чин се обидел да ги сокрие така што телото на жртвата го ставил во метално буре и го потопил во вештачкото езеро „Турија“ во Струмица.