МВР и српската полиција сузбија криминална група за транспорт на кокаин

by fokus

Полициски службеници од МВР на Република Северна Македонија во соработка со полициски службеници од МВР на Република Србија реализираа акција за спречување на меѓународен канал на транспорт на дрога од земјите на Западна Европа во Република Македонија во која се запленети еден килограм и 58 грама кокаин.

„Во октомври и ноември 2019 година, од страна на Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведена е истрага над организирана криминална група која се занимавала со организирање на транспорт на наркотична дрога „кокаин“, од земјите на Западна Европа во Република Македонија. Групата се занимавала и со улична продажба на наркотична дрога „кокаин“ на подрачјето на Скопје, Тетово и Гостивар.

На 06.12.2019 година во координација со Одделот за специјални полициски операции, лишен од слобода е Х.С (26) од с.Речане-Гостивар, кај кого во патничко моторно возило „сеат леон“ кое го управувал, а го паркирал на територија на Република Србија, во багажниот простор пронајдени се 1.058 грама кокаин. Х.С. кокаинот го транспортирал од Белгија до Република Северна Македонија. Исто така, лишени се од слобода и главните организатори на транспортот на дрогата Р.Љ (36) од с.Арачиново-Скопје и М.И (35) од с.Речане-Гостивар. Овие лица и претходно биле кривично пријавувани за дела од областа на недозволената трговија со дрога за што издржувале и казни затвор.

По целосно комплетирање на доказите против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција“, соопштија од МВР.

Поврзани новости