Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против директорката на основното училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. МВР ја сомничи 62-годишниот В.Ј. дека набавената стока од училиштето ја присвојувала за свои лични потреби.
Во период од две години, велат од Министерството, директорката извршила набавка на разна стока од шест правни субјекти во Кавадарци во вкупна вредност од 7.300 евра, без при тоа да ги почитува одредбите од Законот за јавни набавки и да распише постапка за јавни набавки.
Кривична пријава е поднесена и до управителот на фирмата “ЕКСТРА 03“ ДООЕЛ Кавадарци. Според МВР директорката и исплатила на оваа фирма досепани фактури за превоз на ученици како превозот да се вршел секој ден, иако учениците преку оваа фирма се превезувале само два пати неделно. Со ваквите дејствија општинскиот буџет бил оштетен за 15.500 евра.
МВР поднесе кривична пријава и против вработена во Градската општа болница „8ми Септември“ за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“. 31 годишната Ј.Ѓ. во својство на администратор во установата, во период од една година на 230 пациенти им овозможила да извршат преглед кај Комисијата за издавање на конзилијарно мислење со наод за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, без да приложат доказ за извршената уплата на партипацијата за конзилиријарен преглед во износ 1.200 денари. Со наведените дејствија пријавената го оштетила Буџетот установата за 4.400 евра.