Со денешното доставување на решенија за распределување на 594 полицајци приправници на работни места „полицаец“, како и со врачувањето и потпишувањето на договори за вработување како „полицаец-приправник“ на 565 кандидати за полициски службеници што успешно го минаа конкурсот и обуката за полициски службеник по огласот од март 2017 година, Министерството за внатрешни работи го заврши процесот на регулирање на статусот на овие две категории на полициски службеници.
Како што информира МВР, согласно решенијата за распределување од 01.06.2018, новите 594 полициски службеници се распределени на работни места по организациски единици низ сите (седум) сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност на МВР, најмногу на подрачјето на СВР Скопје и СВР Битола. Исто така, по однос на договорите за вработување на 565 кандидати за полициски службеници од денеска нив започнува да им тече приправничкиот стаж, како полицајци-приправници, и тој ќе трае шест месеци, а потоа следи полагањето на т.н. приправнички испит.
– Практично, со ова се остварија најавите и заложбите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и актуелното раководство на МВР за решавање на статусот на овие две категории, но и за натамошно доекипирање на организациските единици при МВР со нови луѓе, се вели во соопштението од МВР.