Еден полицаец од петтемина нападнати е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, идентификувани се и други напаѓачи покрај веќе приведените четворица, а пронајдено е и возилото што го користеле дрвокрадците, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со синоќешниот напад на полициска патрола од група граѓани кои биле фатени како бесправно сечат дрва.
Нападот, како што е познато, се случил во атарот на велешкото село Степанци.
-На 24.9.2020 околу 20 часот на место викано Кисела Вода во атар на село Степанци, Велес, при преземање мерки против лица што вршеле бесправна сеча и превоз на дрва, биле нападнати пет полициски службеници, а напаѓачите употребиле и тврди предмети. Еден полициски службеник се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во Клинички центар во Скопје, а четворица полициски службеници се здобиле со повреди. Веднаш е известен јавен обвинител. Досега се приведени четири лица, идентификувани се други лица и пронајдено е возилото кое го користеле. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се најновите информации кои ги споделува МВР.
Информацијата за инцидентот доцна синоќа се прошири на социјалните мрежи, каде што се споделуваше и видео на кое се гледа како поминуваат полициско и возило на Итната медицинска помош со вклучени сирени, најверојатно на пат кон болница.
Безмилосното пустошење на шумите минатата сезона беше тема на истражување и на нашата екипа, која сведочеше на нелегална сеча. Каква слика затекнавме на терен, кои се сведоштвата и што говорат статистиките, погледнете во сторијата во продолжение.