Министерството за внатрешни работи вчера добило известување од Интерпол-Хрватска дека обвинетиот за масовното прислушување, Горан Грујевски бил приведен во Хрватска, но денеска добиле ново известување дека тој е ослободен.
-Во текот на вчерашниот ден од страна на Интерпол – Хрватска добивме информација дека Г.Г. е приведен. Денеска, исто така од Интерпол Хрватска добивме известување дека го ослободиле Г.Г., велат од МВР.
Поранешниот директор на Петтата управа на МВР, Грујевски и Никола Бошкоски се главните обвинети во главниот судски процес на Обвинителството, „Тврдина-Таргет“, за масовното незаконско прислушување.
Грујевски уште е обвинет и во предметот „Тврдина 2“ за незаконско палење на списи и документи на УБК, докази за масовно прислушување на граѓани, но и во предметот „Трезор“, заедно со Сашо Мијалков и Небојша Стајковиќ, за незаконска набавка на опрема за прислушување од Велика Британија.
Грујевски и Бошковски се во бегство од 26 јули 2017 година, кога требаше да бидат спроведени во притвор, но полицијата не ги најде дома. Кратко потоа двајцата беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни бугарски пасоши, но во меѓувреме и двајцата добија азил во Грција. Токму тоа најверојатно е причината за денешното ослободување на Грујевски.
Информацијата дека Грујевски е приведен во Загреб ја објави Клан ТВ. Министерството за правда нема официјално известување дека Грујевски бил приведен во Хрватска.