МВР доби форензичка опрема за поефикасни истраги на лице место

by fokus

Во Министерството за внатрешни работи денеска беше извршено примопредавање на опрема за поефикасна истрага на местото на настанот во кривични дела кои вклучуваат оружје. Опремата ќе се користи првенствено од Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот во Секторите за внатрешни работи низ целата држава.

Како што информираат од МВР, опремата е донирана во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје“, кој го имплементира УНДП во рамките на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, чиј потписник е Македонија.

Како донатор на проектот се јавува Мултилатералниот доверителен фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје на Западен Балкан, кој го сочинуваат Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка на Европската Унија.

-Опремата, во вкупна вредност од над 200.000 американски долари, се состои од универзални и специјализирани несесери за истрага на местото на настанот, фото камери, како и компјутери и соодветна хардверска опрема што ќе се користи за обработка на местата на настанот, односно злосторството. Форензиката и истрагата на местото на злосторството играат клучна улога во системот на кривичната правда кога станува збор за случаи кои вклучуваат огнено оружје. Преку анализа на балистика, траги и отпечатоци од прсти, форензичарите и увидните екипи кои работат во овие единици обезбедуваат важни докази за да помогнат во решавањето на злосторствата како и во спречувањето на идното потенцијално насилство. Целта е ефикасно откривање на сторителите и нивно санкционирање, со цел подобрен кривично-правен одговор на злоупотребата на огнено оружје, појаснуваат од МВР.

Дел од донираната опрема ќе се користи и за опремување на новите простории за симулација за истраги на местото на настанот, кои УНДП ги развива во Центарот за обука на МВР во Идризово.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјавил дека имплементацијата на овој проект е од огромно значење Министерството за внатрешни работи, со што, како што рекол, се потврдува определбата за остварување на целите од Патоказот за контрола на мало и лесно оружје, а особено кон усвојување на законската рамка за контрола на оружјето.

-Таа ќе биде целосно усогласена со регулаторната рамка на ЕУ и стандардизирана во регионот, значително редуцирање на нелегалниот проток на огнено оружје, муниција и експлозиви како во рамките за Западен Балкан, така и пошироко и секако преку зајакнување на свесноста и едукативни активности со цел поефикасна контрола на малото и лесно оружје и спречување на нелегалната трговија со оружје, рекол Тошковски.

Поврзани новости