Музика, гламурозни тоалети, но и традиционална жолта ракија и пирошки на Виенски бал во Скопје

by fokus

Синоќа во Скопје, во хотелот Александар Палас се одржа Виенски бал – Скопје, гламурозен настан со хуманитарен карактер, на кој се собираа средства за децата во СОС Детско Село.

Во најавата за настанот, објавена на официјалната страница на Виенски Бал, градоначалникот и гувернер на Виена, Михаел Лудвиг, повика публиката во Скопје да излезе на подиумот и да ужива во духот на Виена преку магијата на традиционалниот виенски валцер.

На социјалните мрежи веќе се објавуваат фотографии од балот, на кој гостите ги покажаа свечените и блескави тоалети. Според дрес кодот на настанот, за дамите била задолжителна свечена долга тоалета, а пак за господата, смокинг, темно одело или униформа.
Наведениот кодекс на облекување е задолжителен! – беше потенцирано во објавената програма.

Освен инструкции за гардеробата, објавено беше и менито. Шведска маса со ордевер, морска салата, пилешко на париски начин, Виенска шницла, печено месо, гулаш, но и Захер торта, мињони и свежо овошје како десерт, се дел од многуте кулинарски специјалитети со кои биле угостени присутните на балот.

Она кое е интересно во менито, е што биле застапени производи кои се популарни кај нас, како на пример жолта ракија, пиво, узо, пита со сирење, компир салата, пирошка…

-За време на виенскиот класицизам, градот ги инспирираше извонредните композитори како Хајдн, Моцарт и Бетовен за нивната светски позната музика. Конечно, нашите гости во Скопје повторно ќе го слушнат “Alles Walzer!” – традиционалното поттикнување на публиката да излезе на подиумот на годишниот оперски бал во Виена-објавено е на страницата на балот.

Професорот Вело Марковски со сопругата, водителката Марјана Станојковска, Ирена Спировска, Зоран Витанов, Габриел Бајрам, Агнеса Органџиева и многу други јавни личности од повеќе општествени сфери беа дел од настанот.

Презентер беше Вера Мештеровиќ, а според програмата, се претставија Оркестар Јохан Штраус, диригентката Бисера Чадловска, Танцова школа Прима Данца, Танцова школа Врачар од Србија, Свингерси, вокалните солисти Драган Бобиќ – Дексо, Калина Велковска, Вејчеслав Поповски, балетот од НОБ, првенци на балетот Саша Ефтимова и Балаж Локсеи, Мирослав Митрашиновиќ и Христина Наќевска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости