Музичарите тешко го одврзуваат ќесето за помош на колегата чиј ресторан изгоре

by fokus

Фолк пејачката Татјана Лазаревска, која со сопругот Новица Василевски и синовите веќе неколку години живее и работи во Австралија, започна донаторска акција, за помош на колегата Трајче Толевски, чиј ресторан во Скопје изгоре до темел.

Неговиот локал „Камин Кама“ важеше за популарно збиралиште на нашата фолк естрада, и кога се случи пожарот, голем број на музичари јавно реагираа со апели дека мора да најдат начин и да му помогнат на колегата.

Најавуваа дека ќе организираат хуманитарни концерти, а исто така бараа јавно да се објави и сметка на која ќе можат да донираат парични средства.

Лазаревска, по тој повод отворила онлајн донаторска сметка, пред девет дена, и ја направила првата донација од 200 долари. Како што е наведено во апелот, целта е да се соберат 20.000 долари, кои ќе бидат наменети за реновирање, односно изградба на ресторанот.

Но, откако е отворена сметката, донирале само седум лица, и досега се собрани 610 долари.

Инаку, кога се случи пожарот, Толевски за „Фокус“ изјави дека ќе му бидат потребни најмалку 70.000 евра за повторно да го среди локалот.

Тој тогаш се заблагодари на сите за поддршката која ја добивал, и порача дека „Камин Кама“ пак ќе заживее.

Вики Клинчарова

Поврзани новости