Музичарите со песна ќе протестираат пред Влада!

by Fokus

Музичарите од земјава повикуваат на масовен протест кој ќе одржи пред Влада, во среда со почеток од 14 часот, а на кој ќе бараат да им биде дозволено да настапуваат, бидејќи, како што велат, оставени се на раб на егзистенција.

-Валиден ПРОТЕСТ на документ, по здравствени мерки, со маска, секој на растојание од 1.5 метар по човек, со наши редари кои ќе ги препознаваат кои се дел од протестот, со полиција која не заштитува нас од околни непознати ликови или политички демонстранти, бина огромна со настап на естрадни музичари, диџеи и останати уметници… Така да, СЕГА излегуваме СИТЕ, сега го остваруваме правото СИТЕ, сега креваме врева, нема веќе време понатаму кога!!! За вас и нас се работи, за нашите кариери и фамилии кои ги храниме дома, за вашите деца е ова – пишува во објавата која што е истакната на социјалните профили на речиси сите музички работници во земјава.

Исто така, апелираат да им се приклучат и угостителите, фото студијата, танчерките, свадбарската индустрија, цвеќарите, салоните за убавина, односно сите кои на некој начин се засегнати од забраната за одржување на настапи во живо и свадбени и други семејни свечености. Околу тоа кој стои зад најавениот протест, засега нема информација.

Повеќето пејачи со кои разговаравме велат дека не знаат кој е организаторот, но се согласни дека ќе излезат и ќе бараат да им се овозможи да настапуваат, бидејќи изминативе месеци едвај преживувале. Претседателот на Здружение на естрадни уметници на Македонија, Горјан Стојановски, за ,,Фокус” вели дека протестот е инициран од самостојни музичари, а околу тоа дали и здружението ќе го поддржи, ќе се знае денес, откако ќе се одржела средба помеѓу претставници на ЗЕУМ и претставници од власта.

-Вечер во 18 часот имаме средба со претставници од власта, мораме да најдеме решение за овој проблем со кој е засегната музичката индустрија. По донесувањето на заклучоците и одлуките, ќе знаеме дали ќе има потреба да се одржи протестот, односно дали и членовите на ЗЕУМ ќе го поддржат. Голема неправда е да се казнат сите музичари со забрана за настапи, кога сите знаеме дека непочитувањето на мерките за заштита од вирусот се случуваше на настапите на музичките гости кои ни доаѓаа од други земји. Имам информација дека доколку се одржи протестот во среда, освен што ќе има говори околу проблемот со кој се соочуваме, ќе има и песна. Тоа е најсоодветниот начин на естрадните уметници да го искажат својот револт од одлуките кои економски го погодија овој сектор – ни изјави Стојановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости