Музичарите нема да можат да настапуваат без лиценца ниту на свадба, ниту во локал

by Fokus
Нерегулираните настапи на нашите музичари, кои редовно гостуваат во локали низ земјава, без при тоа да подлежат на било каква обврска за подмирување на финансиски надомест кон државата, заминуваат во историја. Здружени, музичарите од фолк, поп и класичната сцена, вчера одржа собрание за формирање на Комора, со цел регулирање и подигање на нивото на професијата – музицирање. Како што појаснува за ,,Фокус” музичарот Горјан Стојановски, тоа би значело дека за секој настап ќе треба да се добие посебна лиценца, а музичарите наскоро ќе ги имаат на увид сите информации поврзани со овој новитет во музичката индустрија.

-По иницијатива и во организација на координативното тело на музичките здруженија од цела Македонија, вчера вечер во хотелот Александар Палас во Скопје со почеток во 18.00 часот се одржа првото основачко Собрание за формирање на КОМОРА НА МУЗИЧАРИ И МУЗИЧКИ ДЕЈНОСТИ на Р.С .Македонија.

На Собранието беа присутни 52-ца претставници на правни субјекти од областа музиката и музичката индустрија во својство на делегати, меѓу кои беа голем дел од истакнати уметници, позначајни музички здруженија, продукции, диџеи итн…

Ова Собрание е од големо значение и прв обид на оваа стопанска гранка во поновата историја на Македонија, за организирање на музичарите и музичките дејности на највисоко институционално ниво – појаснува музичарот Горјан Стојановски, инаку претседател на Здружение на естрадни уметници.

Вели дека со основањето на Комората се надева дека ќе го регулира и подигне нивото на професијата – музиката од која ќе има бенефит целата држава и генерациите кои доаѓаат.

-Собранието го водеше работно претседателство чиј претседавач беше Венко Пашовски -претседател на здружение Охридски Музички Еснаф. Според законски утврдениот дневен ред едногласно беше прифатен предлог Статутот на комората и беа избрани извршните органи и тоа- Управен одбор составен од девет членови и Надзорен одбор составен од три члена-информира Стојановски.

Тој едногласно бил избран за прв претседател на КММД.

-Ги информираме нашите членови дека после административно правните процедури и конституирањето на извршните органи и работни тела, ќе бидат информирани за понатамошните активности – вели новоназначениот претседател на Комората.

За членови на управниот одбор биле назначени претседателите на најголемите здруженија на музичари во земјава, и тоа: 1.Естрада Струмица-Горан Кукуќ 2.Охридски Музички Еснаф-Венко Пашовски 3.ММИ-Александар Масевски 4.Музика Сега-Трајко Симоновски 5.Естрада Скопје-Горјан Стојановски 6.Естрада Битола-Тони Гугулевски 7.Професионални Музичари на народна и забавна музика -Хилми Билбиловски 8.Самостоен Џез Уметник -Џон Илија Апелгрин.

Вики Клинчарова

Поврзани новости