На граѓанските собири по повод претстојните претседателски избори редовна пракса е да запеат музички имиња од поп и фолк естрадата, што го предизвикува вниманието на јавноста, а неретко нивното појавување на сцената на митинзите се толкува како симпатизирање и поддршка на партијата за која настапуваат.
Голем е бројот на познати музичари кои во минатото запеале на митинг, и некои од нив упатуваа јасна порака дека ја поддржуваат партијата за која настапуваат, а пак некои категорично тврдат дека тие живеат од музика и настапот не значи и демонстрирање на партиска определба.
И додека некои пејачи со години наназад остануваат верни на настапите за една партија, музичарот и кантавтор Владо Јаневски од пред неколку години го промени таборот.
Своевремено беше дел од музичката програма на настаните на ВМРО-ДПМНЕ, а сега со песна е вклучен во кампањата за претстојните претседателски избори и деновиве пее на граѓанските средби на актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој исто така е и кандидат за иден претседател на земјава.
По завршувањето на говорот на Пендаровски, Јаневски ја изведува народната песна ,,Љубов голема” позната помеѓу граѓаните и како ,,За многу години Македонци”, дует на Виолета Томовска и Наум Петрески.
Тој и за време на изборите во 2019 година пееше на митинзите за Стево Пендаровски како кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата, а бројни реакции предизвика и неговото појавување во песната и спот за референдумот, ,,Излези за европска Македонија”, бидејќи во минатото беше познат како музичар кој настапуваше во кампањите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2013 година, Јаневски стоеше зад песната ,,Напред” која беше една од химните на ВМРО, и ја изведуваше на митинзи, се додека песната не беше повлечена од музичкиот канал Јутјуб, бидејќи рускиот пејач Олег Газманов обвини дека ќе покрене постапка за плагијаторство на неговата песна ,,Москва”.
Тогаш и неговиот менаџер Филип Роса се огласи за македонските медиуми, со изјава дека никој од нив не побарал и не добил одобрение за преработка на песната, па најавија дека ќе се обратат до меѓународниот суд. Нема официјални информации за разврската, а Јаневски тогаш не одговараше на новинарските прашања на темата.
Во тој период на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ покрај Јаневски, настапуваа и Калиопи, Есма, Тијана Дапчевиќ, Каролина Гочева, Елена Ристеска, Наум Петрески…
Сега пак, на народните митинзи на ВМРО-ДПМНЕ на сцената се појавуваат Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Александар Тарабунов и други.
Во минатото на митинзите на СДСМ настапуваа Златко Ориѓански, Ѓоко Танески, Дарио, Бени Шаќири, Дани Димитровска, Викторија Лоба и други.
Вики Клинчарова