Музичарите најавуваат нов протест: Баравме по 42.000 денари, Владата ни одобри по 30.750, и тоа не на сите!

by Fokus

Утре пред МКЦ со почеток од 11 часот, Координативното тело на шесте музички здруженија повикува на прес конференција за медиуми, каде ќе биде обелоденета најавата за мирен протест и изразување на незадоволство кон јавниот повик за доделување на финансиска подршка на естрадни уметници, и барање на менување на критериумите на конкурсот.

Според објавената реакција од Координативното тело на шесте здруженија, тие барале да добијат помош од по 42.000 денари, и тоа за секој музичар. Но, при презентирање на шестиот пакет мерки, од Владата било појаснето дека финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари. За музичарите тоа е неприфатливо, бидејќи некои нивни членови не го исполнувале тој услов, затоа што сепак имале настапи, поради тоа што целата 2020 година не беше пандемиска.

-Како прво, кога се презентираше шестиот пакет мерки, јасно беше наведено од Владата дека, цитираме : „Финансиска поддршка од 30.750 денари (од наша страна беше побарана сума од 42.000ден) ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари” и начинот на аплицирање ќе се одвива преку мин. за култура” на кое ние на 22 април 2021 излеговме со соопштение дека НЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ со ваквиот начин на аплицирање и услови и итно реагиравме до Кабинетот на Министерството за култура, Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Генералниот Секретаријат со БАРАЊЕ – овој вид на аплицирање да се избегне, од проста причина бидејќи е тотално непотребен, бирократски комплексен и критериумот кој се однесува на „просечен месечен нето приход под 15.000 денари за 2020 година“, не коренсподира со реалноста од проста причина што не цела 2020 година беше пандемиска година и некои од нашите членови, може да не го исполнат овој услов и да не добијат финансиска помош.

Ако ја погледнете објавата од 22 април на Владата ќе видите дека таа гласи „Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на музичките здруженија” напоменуваме СИТЕ МУЗИЧАРИ, но за жал со овие наметнати услови и критериуми тоа едноставно не е вистина, ниту ќе бидат опфатени СИТЕ музичари, ниту во јавниот повик се споменуваат постоечките музички здруженија.

Во нашите разговори со владините претставници беше јасно посочено од наша страна дека овие услови и критериуми кои се дадени од страна на Владата, се за нас неповолни и излеговме со конкретни разумни барања преточени во три точки:

1. Временската разлика која е дадена како услов „Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.” да се замени и да се земе во обзир периодот од 01.01.2021 до 31.05.2021 година.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ – Месеците Јануари, Февруари и половина од Март во 2020 не беа “пандемски” месеци и од таа причина што не цела 2020 година беше пандемска година и се работеше активно барем во овие два и пол месеци, голем дел од нашите членови, може и да не го исполнат овој услов “под 15.000 денари” и да не бидат подобни за финансиска поддршка.
2. Во овој јавен повик да влезат и таканаречените „социјални случаи“ односно примателите на социјална помош како и слободните и самостојни уметници.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ – на оваа точка не би додале некое посебно образложение, од човечка природа и од проста причина што на оваа категорија на наши граѓани музичари уметници и те како им е потребна оваа финансиска поддршка.
3. Аплицирањето да се одвива преку постоечките регистрирани музички здруженија со тоа што наша обврска би била да предадеме прочистен регистар на активни музички регистрирани членови на понатамошна обработка од страна на Владата т.е. Управата за Јавни Приходи – УЈП.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ – Начинот на аплицирање, како што се бара од нас, со директно доставување на пријавата во Влада – Генерален Секретаријат, а притоа прескокнувајки ги музичките здруженија е контрапродуктивен, тотално непотребен, бирократски комплексен и може да доведе до развлекување на временскиот рок на добивање на помошта и затоа сметаме дека самите здруженија треба да предадат комплетен прочистен список (регистар на активни членови) на понатамошна обработка, нормално со веќе преддоговорените услови и критериуми за аплицирање.

Но, за жал и на наше чудење, не само што ниедно од овие наши барања не се прифати, туку целата процедура е докомплицирана и нелогична уште со барањето да се достави „Годишна Даночна Пријава за 2020 година” кое само по себе е небулоза од причина што многу од членовите се пожалија дека тој документ од УЈП не може да се извади на време т.е. до 25 мај 2021 година до денот кога е даден рокот за пријавување на овој јавен повик.
Овие критериуми какви што се, не коренсподираат со реалноста и овој „ЈАВЕН ПОВИК
ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ЕСТРАДНИ УМЕТНИЦИ” како таков НЕ ГО ПРИФАЌАМЕ и ќе ги искористиме СИТЕ РАСПОЛОЖЛИВИ СРЕДСТВА за акција и реакција од проста причина што само мал процент (2-3% на музичари) ги исполнуваат овие услови наметнати од Владата на Р Македонија.
Во текот на изминативе месеци, секогаш конструктивни и трудејќи се заеднички да најдеме решенија за проблемите кои ни ги донесе оваа пандемија сме настојувале преку дијалог, а не преку ПРОТЕСТИ да биде нашиот начин на комуникација со владата и владините претставници, но за жал по последниот јавен повик и неговите услови и критериуми кои се ригорозни, содржат доста нелогичности и од кои директно зависат над 1.300 музичари во државава да добијат некаква финансиска поддршка, ние немаме друга опција освен на ова деградирање на дејноста музичар изведувач да изреагираме на соодветен начин и со таа цел во среда 19.05.2021 година, пред Младинскиот културен центар (МКЦ) со почеток од 11:00 часот, „Координативното тело на шесте здруженија„ свикува прес конференција за медиуми каде што ќе бидат обелоденети и објавени нашите следни чекори, НАЈАВА ЗА МИРЕН ПРОТЕСТ и ИЗРАЗУВАЊЕ НА НЕЗАДОВОЛСТВО ПРЕМА ОВОЈ ЈАВЕН ПОВИК и менување на критериумите на конкурсот сѐ до исполнување на нашите разумни барања кои се рефлексија на фактот дека единствено ние како фела сме со забрана на дејност (Службен Весник — 166/20 и 169/20) од почетокот на оваа пандемија и дека оваа ситуација која ни е наметната за нас е веќе тотално НЕИЗДРЖЛИВА – пишува во реакцијата на музичарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости