Музичари од земјава реагираат поради актуелната забрана на музички настани во отворени и затворени делови на угостителските објекти, која е на сила поради опасноста од ширење на корона вирусот.
На социјалните мрежи е покрената иницијатива ,,Музика – сега” на која се приклучија околу 1.400 музички работници и тие бараат средба со Власта, односно со надлежните кои ги носат мерките за заштита, обвинувајќи дека се соочуваат со проблеми, бидејќи не можат да работат и заработуваат.
-Иницијативата за враќање на музичките настани на музичарите и музичките работници ,,МУЗИКА – СЕГА” и нејзините (до денеска вклучени) 1.400 членови, најостро реагираат на последните одлуки на Владата, објавени во последниот Службен Весник, објавен на 23-ти јуни 2020 година, со кој се уште се забрануваат секаков тип на организација на музички настани на отворен или во затворен простор во угостителските објекти за исхрана и покрај фактот што последните 15-ина дена, се донесени многу мерки со кои се укинуваат претходните ограничувања за добар дел од секторите од индустријата (барови, теретани, казина, отворање на границите без потребни ПЦР тестови и задолжителна самоизолација и сл.) Истата одлука се содржи во член 15 од делот кој се однесува на угостителските објекти за исхрана. Во писмото со протоколите кое е објавено пред некој ден од самата Иницијатива се предложени многу мерки, во согласност со препораките на СЗО и локалните релевантни фактори за зачувување на општото здравје и спречување на ширењето на вирусот Ковид- 19, а со цел – итно враќање на музичките настани под одредени протоколи! Бараме итна средба со одговорните за носењето на мерки и одлуките со кои е направен овој пропуст кој оди директно на штета на илјадници музичари и музички работници кои деновиве со борат со проблеми од егзистенцијална природа по затворањето или ограничувањето на можноста слободно да работат и заработуваат, а директно поврзано со донесените рестриктивни мерки и нивното олеснување за кои очигледно за сега се нема слух- реагираат музичарите во отворено писмо.
Во изминатиот период во регионот беа разлабавени мерките за заштита од вирусот, и во Србија и Хрватска започнаа со работа клубови и дискотеки. Сепак, во тек на вчерашниот ден хрватските медиуми беа преплавени со веста дека во клуб во Книн пред околу 600 гости настапил музичарот Дејан Домиќ, за кој по два дена се испоставило дека е позитивен на вирусот.
-Се работи за пејач кој има навика за време на настапите да влегува помеѓу публиката. Епидемиолозите не можат да ги најдат сите контакти, бидејќи тоа е невозможно во клуб со 600 гости, па јавно се информираат сите гости сами да се јават кај епидемиолозите или кај своите матични лекари – објавен е апел во хрватски Индекс.
Видео клиповите пак од забавата во белградски клуб, на која присуствуваа Новак Ѓоковиќ и тениската елита пред неколку дена, исто така откриваат дека и во соседна Србија локалите функционираат без никакво запазување на мерки за заштита од вирусот.
Вики Клинчарова