Музичари на хуманитарна забава ја сплотија нашата дијаспора Фолк и поп пејачи од земјава ја сплотија нашата дијаспора во Швајцарија на голема хуманитарна забава во организација на Македонското друштво „Пирок”.
Околу 3.000 нашинци, не само до Швајцарија, туку и од Италија, Словенија, Германија, Белгија и други земји, допатувале да бидат дел од забавата, но и да донираат.
За време на настанот се собрале околу 11.000 швајцарски франци, односно околу 10.000 евра, кои ќе им бидат поделени на десет лица од Македонија, на кои им е потребно скапо лекување. Акциите за помош на овие лица се актуелни на социјалните мрежи извесен период.
Се работи за Михаела Петрова од Куклиш, Никола Новоселски од Муртино, Ирена Танчева од Самоуилово, Томе Jанев од Струмица, Симона Хаџи-Тошева од Штип, Јане Николов од Зрновци, Лидија Ристевска од Битола, Михаил Митевски од Охрид, Огнен Стојков од Свети Николе и Љупчо Бојановиќ од Звегор, Делчевско.
Пред многубројната публика настапија Антонија Гиговска, Сузана Гавазова, Дамјан Стојаноски, Влатко Миладиноски, Ален Хасановиќ, група Болеро и многу други. Повод за хуманитарниот настан кој го привлече вниманието на нашата дијаспора беше 19-годишнината од постоењето на „Пирок”.
Претседател на друштвото е Никола Трендафилов, а од организацијата најавија слични хуманитарни настани и во иднина. Изведувачите порачаа дека се задоволни поради големата посетеност, но и како им е доста драго што младите од дијаспората ги знаеле нивните песни.
В.К