Музеј во Амстердам го менува името поради војната во Украина

by Fokus

Музејот во Амстердам, кој ги прекина врските со колекцијата Ермитаж од Санкт Петербург по почетокот на конфликтот во Украина, официјално го смени името и најави партнерство со реномирани галерии во Лондон, Париз и Вашингтон.

Како што јави агенцијата АП, „Ермитаж Амстердам“ од септември ќе се вика „музеј Х’АРТ“.

Музејот има воспоставено партнерство со Британскиот музеј, Центарот Помпиду и Американскиот уметнички музеј Смитсонијан.

„Тоа е нов возбудлив чекор за нас, модерен модел за иднината“, изјави директорката на музејот, Анабел Бирни и додаде дека програмата на музејот ќе се движи од големи уметнички изложби до помали презентации, како одраз на времето во кое живееме, пренесува Танјуг.

Првата голема изложба, која треба да се отвори во средината на 2024 година, ќе биде организирана во партнерство со парискиот центар Помпиду со фокус на Васили Кандински, уметникот роден во Русија, кој стана француски државјанин.

Музејот првично беше отворен во 2009 година и ја користеше големата уметничка колекција на „Ермитаж“ во Санкт Петербург за изложби.

Сепак, тој ја прекина врската минатата година поради, како што е соопштено, инвазијата на руската армија во Украина.

Поврзани новости