На маргините на 79. Генерално собрание на Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на самитот на иднината на интерактивниот дијалог на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународниот мир и безбедност“.
Во своето обраќање министeрот Муцунски нагласи дека во денешно време се соочуваме со многу закани вклучувајќи нови конфликти, тероризам, насилен екстремизам, ризици од нови технологии, кршење на човековите права и климатски промени. Тој истакна дека ниту една земја сама не може да се справи со овие предизвици и дека е неопходен ефикасен мултилатерализам за обезбедување на меѓународниот мир и безбедност.
„Самитот на иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и одговор на актуелните и идните предизвици. Пактот ни нуди траекторија за глобални акции и отвора пат за засилување на мултилатерализмот“, истакна министерот Муцунски во обраќањето.
Воедно, тој нагласи дека иднината треба да биде предвидлива, просперитетна и без страв, нагласувајќи дека злото од војна и конфликти мора да остане во минатото.
„Денес имаме уникатна шанса да ја зајакнеме нашата мултилатерална агенда и глобалните системи приспособувајќи ги на предизвиците со кои се соочуваме во областа на меѓународниот мир и безбедност. Утре веќе е наша сегашност“, додаде тој истакнувајќи ја подготвеноста активно да учествуваме во напорите за зајакнување на мултилатерализмот.
На крајот, Муцунски ја истакна потребата за промовирање мултилатерални решенија засновани на Повелбата на ОН, почитувањето на човековите права и владеењето на правото и демократијата како клучни дипломатски алатки.