Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски ги соопшти имињата на министрите во техничката влада која треба да спроведе фер и демократски избори а кои ги утврдиле на денешната седница Извршниот комитет.
-На чело на Министерството за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат. Панче Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, а воедно покрај работното искуство како адвокат, има и големо работно искуство и во државните институции. Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија, членувал во повеќе комисии и работни тела.
За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Станува збор за дипломиран економист, со над 25 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи.
Елена Петрова 7 години била управник во Дирекцијата за јавни приходи – за големи даночни обврзници, а претходно била раководител на даночното одделение во Свети Николе, раководител на оддел во секторот за оперативна политика и едукација, како и раководител во сектор за утврдување и наплата на даноци во Генералната дирекција.
Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика. Велковски долги години работел во Министерството за труд и социјална политика, на различни работни позиции, а беше и генерален секретар на Град Скопје од 2021 до 2023 година.
За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје. Стефан Андоновски во моментов е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД. Пред политичкиот ангажман, пет години работел во бизнис секторот во Македонија и е консултант на меѓународни донаторски проекти во областа на дигиталниот маркетинг, комуникациите и медиумите.
Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. По вокација станува збор за дипломиран земјоделски инженер. Трипуновски, во моментот е претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, во претходната техничка влада исто така беше на позицијата дополнителен заменик министер за земјоделие. Неговото работно искуство во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство е долгогодишно, а од 2015-та до 2017-та година ја извршуваше функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006-та до 2008-та година бил прв човек на државната фитосанитарна лабораторија, кажа Муцунски за предлозите.