Муцунски: Со инвазија врз Украина се кршат меѓународното право и вредностите на човештвото, сторителите да бидат изведени пред правдата

by Fokus

Силно ја осудуваме агресивната војна на Русија против Украина која досега предизвика непоправливи загуби на човечки животи. Инвазијата претставува напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и флагрантно кршење на основните начела на меѓународното право и, пред сè, вредностите на човештвото.

Ова беше дел од обраќањето на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Володимир Зеленски од Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Фокусот е на третманот на политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца.

„Секој миг што го поминуваме во оваа просторија нè потсетува дека зад секоја статистика стои човечка приказна – дете разделено од семејството, мајка која го бара своето блиско, постаро лице принудено да го напушти својот дом. Сите прекршувања и злоупотреби на човековите права и на меѓународното хуманитарно право мора да бидат истражени, а сторителите изведени пред правдата, согласно со меѓународното право“,  рече Муцунски во обраќањето на конференцијата.

Почитувањето на демократските принципи, човековите права и достоинството, како и владеењето на правото, порача Муцунски, се единствените универзални вредности што треба да бидат почитувани од сите.

На крајот од својот говор министерот ја повтори поддршката за напорите на Украина да воспостави праведен и траен мир врз основа на клучните принципи и цели преку Формулата за мир на Украина.

Поврзани новости