Министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски утре на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе има средба со шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, потврди Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Ова ќе биде прва средба на високи претставници на двете земји по изборот на новата Влада во Софија.
Министерот Муцунски е дел од Делегацијата што ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на Безбедносната конференција во Минхен, во чиј состав се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Премиерот Мицкоски денеска во Минхен оствари средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на која се разговарале за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата да се отворат вратите на ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу.