СДСМ не нуди граѓански концепт, туку етнополитика, изјави кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица Тимчо Муцунски на ТВ 21.
-Овој концепт за водење на етнополитика ја почна пред неколку години СДСМ, па ја продолжи, тие сега велат ние сме најразновидна и најмултиетничка партија, не велат ние сме најспособна, најквалитетна и најмудра партија. БЕСА кога влезе во нивната коалиција влезе затоа што е албанска партија, не затоа што во БЕСА се најдобрите и најквалитетните, па по тоа ДУИ немаше избор и им се придружи на таа етнополитичка десница, нека ја водат битката таму, а граѓаните ќе распознаат – потенцира Муцунски.
Според него, многу често Македонците се чувствуваат како граѓани од втор ред.
-Време е ние да престанеме да зборуваме во 21 век, кога цивилизациските вредности ја надминаа етнополитиката да зборуваме за вакви теми, затоа ние во нашата програма зборуваме за реални проекти, проекти кои се значајни и за Теарце во Тетово и во Тимјаник, близу Неготино, и тоа се проектите коишто ќе го подобрат стандардот, ќе се борат со оваа здравствена криза, проекти како создавање на Центар за деца и лица со посебни потреби – вели Муцунски.