Македонија останува партнер на Украина, не само од политички аспект, туку и од одбранбена и безбедносна, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.
Муцунски е дел од македонската делегација во Вашингтон на Самитот на НАТО, предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Ќе останеме посветени на сите оние вредности коишто ги споделуваме со Алијансата во 21. век, земајќи ги предвид современите геополитички околности, посебно она што се случува во Украина. Нашата посветеност на политиката на одбрана и одвраќање на НАТО останува да останеме усогласени со заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ и да продолжиме да бидеме не само партнер на Украина од политичка гледна точка, туку и од одбранбена и безбедносна. Тоа е тој предизвик со кој се соочуваме како глобална заедница, руската агресија која мора да има крај, посакуван за Алијансата. Тука нашата земја останува посветен партнер“, вели Муцунски во интервјуто.
Во однос на употребата на уставното име при јавни настапи од негова страна, Муцунски рече дека е крајно внимателен.
„Апсолутно сум крајно внимателен секогаш, при секој мој јавен настап, знаејќи дека позицијата министер за надворешни работи, веднаш, после претседателот на државата, претседателот на Собранието и секако претседателот на Владата, е во најголем фокус, кога се во прашање меѓународните односи. Секогаш сум внимателен како настапувам, кои термини, во кој контекст, и кога ги користам“.